2008Првиот Гурмански викенд со пиво – Пиволенд се одржа во 2008-ма година и за вкупно четири дена го посетија близу 60.000 љубители на овој древен пијалак. Како разновидната гастрономско-пивска понуда и забавната програма беше едно "шаренило" во кое учество земаа голем број артисти од најразлични музички жанрови. Сигурно долго ќе останат запаметени настапите на LET3, LAKA, VLADA DIVLJAN, WICKEDA, LOT LORIEN, домашните бендови BllaBllaBlla, SETHSTAT, БАКЛАВА, ПАРКЕТИ, Културно Уметнички Работници, Тони Китановски и Черкези Оркестар и тн. Специјален гостин на Пиволенд беше господинот Вања Маслов, директор на белградскиот пивофестивал – Belgrade Beer Fest. На Скопската тврдина Кале за првпат после долго време имаше можност да се почувствува подзаборавената чаршиска атмосфера по која со носталгија копнеат генерации и генерации. Оперирани од предрасуди, тврдината и Пиволенд им посакаа добредојде на сите луѓе, без разлика на припадноста од било каков вид. Без никакви инциденти, Кале блескаше од позитивна енергија.

 

2009ПИВОЛЕНД во 2009та, го проследија 150 000 посетители. Четири вечери скопјани имаа привилегија да присуствуваат на најпосетениот фестивал некогаш одржан во Македонија и имаа можност да пијат околу 50 видови пиво да пробаат секаква храна и да се забавуваат на осумте фестивалски сцени. На главната сцената покрај настапите на многу млади македонски бендови, публиката уживаше и во настапите на "Психомодо поп", "Дубиоза колектив", "Атеист Рап", "Попа Шапка", Есма Реџепова, "Паркети", "Баклава", "ПМГ колектив" "Агушеви оркестар" и секако фантастичниот диџеј сет на Stereo MC.

 

2010Третиот по ред ПИВОЛЕНД одржан од 15ти до 19ти септември 2010 година на Скопското Кале и Старата скопска чаршија забележа нови рекорди во петте фестивалски вечери, со посетеност која беше двојно поголема од претходното издание на фестивалот. Имињата чии настапи останаа запаметени на овој Пиволенд се: Забрањено Пушење , Суперхикс, Рамбо Амадеус, ТБ Трачери, Kosheen DJ's, Orthodox Cellts, Тони Китановски, Куд Идијоти, Бла Бла Бла, Поздрав Азри, Motherfunky, BeetanTone... Исклучително позитивната атмосфрера со која беше окупирано Калето и Старата скопска чаршија е несомнено најголемата придобивка на ПИВОЛЕНД.

 

2011Огромната посeтеност и растот од година во година со секој сегмент на фестивалот (бина, штандови, посетеност) ни наметна и нов императив за проширување на фестивалскиот простор кој ќе има капацитет за масовноста на фестивалот. Од таа причина Пиволенд во 2011та година се пресели на паркинг просторот кај С.Ц. „ Борис Трајковски". Просторот беше специјално уреден за одржување на голема манифестација и целосно ја оправда иницијативата, задоволувајќи ги условите за најмасовното досегашно издание на фестивалот. Пиволенд 2011 се одржа од 31ви август до 4ти септември, а во еуфоричните пет дена забавата се точеше на тони со 40 бендови, артисти и диџеи, разновиден избор на пиво, гурмански штандови, игротека за возрасни, ракотворби и пиволенд корнерот со евробаскет пренос во живо. Дружењето во ПИВОЛЕНД, земјата на древниот пијалок и поттикнувач на целиот цивилизациски развој (научно докажано:), беше предводено од музичката програма избалансирана за вистинска „пиволенд-ска" атмосфера. Забавата на главната сцена на Пиволенд 2011 го достигна својот врв за време на настапите на Lollobrigida, Darkwood Dub, Хладно Пиво, Јура Стублиќ и Филм, Кирил Џајковски, Ритам Нереда, Синтезис, Фолтин, Ареа, Љубојна, Есма Реџепова, Летечки Пекинезери, High Control, Диџеј Славе, Belfast Food, Gillespie. Стилски поинакво, но подеднакво разиграно искуство беше програмата на Денс стејџот за чија програма беше одговорен музичкиот тим на Радио МОФ.

Петтото издание на Гурманскиот викенд со пиво „Пиволенд 2012“, се одржа на паркинг-просторот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“. Носени од девизата „ДОЈДИ! ВИДИ! ИСПИЈ!, петдневното слатко-горчливо искушение на посетителите беа најголемиот избор на различни домашни и странски брендови пиво, богатата забавна и музичка програма која се одвиваше на двете фестивалски бини, гурманските штандови со разновидна храна, базарот на ракотворби, игротеката за возрасни и преносите во живо на најатрактивните дерби натпревари од европскиот фудбал. Главната сцена на Пиволенд 2012 го пречека „светскиот мега цар“ Рамбо Амадеус кој дојде во Скопје со нов возбудлив концертен настап. Истиот ден на Пиволенд се одржа и концертот на новосадската група со вистинскиот рецепт за одлична забава, Драм ен зез (DRUM’N’ZEZ). Едни од предводниците на забавата на втората фестивалска вечер на главната бина на Пиволенд беа македонските поп рок ѕвезди Нокаут.